top of page
Writer's pictureДело-Скопје

Нема да кажам, се убиваат, а немаат мир ни убиени… (5)



Пишува: Јован Николов



Во претходните колумни напишав дека во кралска Југославија, пресудите се носеле „во име на кралот“, наместо „во име на народот“ и покрај реформите од 1929 година во Уставното и Кривичното право, кои биле само обичен “декор“, со цел кралството да се допадне на сојузничките сили, односно на модерна Франција, Англија, т.е на модерна Европа.

Тука би го спомнал „Договорот за покровителство на малцинствата“, кој по Првата светска војна, во Париз, на 09.12.1919 година, го потпишала „Кралството СХС“, според кој посуштински членови се следните:

Член 2, СХС државата се задолжува да даде целосно и совршено покровителство на животот и слободата на сите жители, без разлика на раѓање, државјанство, јазик, раса и религија.

Член 7, Сите српско-хрватско-словенски државјани, без разлика на расата, јазикот или на религијата, се еднакви пред законите и се радуваат на едни и исти граѓански и политички права. Разликата во религијата и во исповедањето не може да го лиши ниту еден српско-хрватско-словенски граѓанин од можноста да ги користи политичките и граѓанските права, вклучувајќи го и правото да биде примен на општествени служби и почести и да применува различни професии и занаети.

Член 8, Српско-хрватско-словенските државјани, кои припаѓаат кон националните, религиозните или јазичните малцинства, се радуваат на исто третирање, исти гаранции, правни и фактички, како и другите српско-хрватско-словенски државјани. Тие ќе користат еднакви права да создаваат, раководат и да контролираат на сопствен трошок, благотворителни, религиозни и социјални институти, училишта и други воспитни установи, со правото да се служат со својот сопствен јазик и слободно да ја исповедаат својата религија.

Член 9, По однос на народната просвета, во сите градови и села, каде живее значаен дел од државјаните, кои не зборуваат официјален јазик, српско-хрватско-словенската држава ќе даде надлежни олеснувања, за да им даде можност на децата на тие српско-хрватско-словенски државјани да се стекнат со образование во основните училишта на свој сопствен јазик.

На пракса, наместо власта да се раководи од одредбите на потпишаниот Договор, парадоксално, судската власт била заменета со власта на органите на прогонот (полицијата, војската и останатите паравоени формации- „Бела Рука“, Здружение против бугарските бандити) кои заобиколувајќи ја официјалната судска власт, предвреме извршувала судски пресуди, во вид на убиства, заточеништво, присилна работа, камшикување и разни терори врз македонското мирољубиво население во кралството.

За ова сведочи романецот Николае Тацит, во својот текст „Последици од великосрпската хегемонија на Балканскиот полуостров“, објавен во весникот „Аромански алманах“, бр.547 од 07.08.1928 година:

„…На југ се управува како пред 600 години. Таму луѓето , нема да кажам, се убиваат, а немаат мир ни убиени. Во Штип умрел еден човек на четвртиот ден, откако излегол од затворот, каде го држеле, без да е виновен и без да е должен и не го пуштале надвор, затоа што целото месо му паднало од тепање…“.

Со прогласената кралска диктатура од 06.01.1929 година, положбата на населението е уште потешка. Така во член 5 од Законот за заштита на државата (Закон наменет за гонење на анархисти и комунисти, а не на припадници на ВМРО), се предвидува затвор до 1 година за оние кои спротивно на официјалната идеологија поддржуваат дека србите, хрватите и словенците не се еден народ (срби), а три одделни народи. Многу порано српскиот престолонаследник, кралот Александар Краѓорѓевиќ, уште во 1912 година на улица во Скопје, тој и удри шлаканица на едно четири-петгодишното девојченце Василка Зојчева, кога на неговото прашање, што е, детето му одговорило дека е бугарка.

Работите отидоа до таму што црквите беа одземени и предадени под јурисдикција на српската црква, сите училишта (641), со 1013 учители беа затворени и прогонети, со што 37.000 ученици останаа без образование, а 760 бугарски цркви со 6 митрополити и со 833 свештеници исто така беа затворени и прогонети. Познат е примерот со Партениј Бигорски, игуменот на Бигорскиот манастир, кога во 1918 година, на 29 годишна возраст, по наредба на српскиот епископ Варнава, бил мачен и убиен во дворот на манастирот. Тоа било пракса во сите православни храмови на територијата на Македонија, да бидат мачени и убивани свештеници, монаси кои неќеле да се покорат на српската “духовна“ власт.

Српскиот весник „Политика“ на 21.03.1928 година, пишува дека претходниот ден во Штип било разгледано делото на Коста Шекеранов и неговиот калфа Димко Нацев. Ги обвинувале по Законот за заштита на државата, дека во својот дуќан држеле еден примерок од весникот „Македонско дело“ и една изборна покана до „македонскиот народ“. Двајцата биле осудени на по 4 години затвор.

Откако го потврдува издавањето на таа пресуда весникот „Хрватско право“ од 31.03.1928 година, пишува:

„Никаде во светот не се казнуваат луѓето за такви работи. Можеш да читаш што сакаш, само не треба да распострануваш забранети работи. Дури белградската полиција, откако ја прегледа, се врати на д-р Сима Марковиќ „Класна борба“, органот на комунистичката партија во Југославија. Тој случај е целосна илустрација на положбата во Македонија, тој покажува, дека судовите таму не се ништо подобри од полицијата“.

Весникот „Македонија“, орган на македонската емиграција во Бугарија, во бр.335 од 28.11.1927 година известува дека на 25 овој месец, четворица македонски бугари-Трајко Попов, ученик во седмо одделение од с.Ѓавато-Гевгелиско, Тодор Ставров, службеник во судот, по потекло од Кавадарци, Георги Василев, матурант, по потекло од Струмица и Антон Георгиев, член на белградскиот народен театар од Струмица, биле извадени од гевгелискиот затвор и испратени на суд во Кавадарци. Сите биле затворени и земени на одговорност по член 1 точка 1 и 2 од Законот за заштита на државата, осудени на 20 години строг затвор во темница, затоа што поседувале, читале и распространувале некакви бугарски брошури.

Следејќи го примерот на своите началници и нивните сугестии, органите на администрацијата, полицијата, жандармеријата и војската, воопшто сите службеници, ја уредувале земјата по своја волја, која неспречена со ништо, се дегенерирала во неограничено самоволие. Бидејќи се избирале од средината неуки и многу расипани луѓе, српските службеници во Македонија под српска власт се преобразувале во вистински камшик за населението. Дури и самите српски општественици ги карактеризирале како „обележани негативци“, кои причинуваат насилство, ограбуваат, тепаат, незаконски убиваат, бидејќи им е доделена на располагање туѓа земја.

Женевскиот неделник „La Macedoine“ во бр.84 од 17.01.1929 година, пренесува едно македонско сведоштво:

Сетете се на тоа име, мајор Диниќ! Кога „Бела Рака“ тајно ги произнесува смртните пресуди, кога нашите браќа со својата крв ги заливаат улиците и ѕидовите на затворите, само еден човек е инспиратор и извршител на тие престапи-мајор Диниќ, шеф на шпионажата и полномошник на „Бела Рака“.

Тој свиреп човек во својот џеб носи меморандуми со смртни пресуди, потпишани лично од кралот. Доволно е мајорот да се посомнева во „лојалноста“ и „добрите чуства“ на некој од нашите сограѓани, за да пополни со неговото име една од тие „пресуди“ на своето колено…Жупаните и кметовите потоа започнуваат со нејзиното исполнување.

Неодамнешните убиства во различните области точно совпаѓаат со обиколките по „ревизија“ на тоа диво животно, кое ја „води анкетата“, фрлајќи свирепи погледи кон обележаните жртви.

Тој го ислушува известувањето на жупанот за поведението на „Х“ или „У“ и според своето расположение, веднаш го запишува неговото име во црниот список, или пак, многу ретко решава да “провери“. Тој “случајно“ среќава обележана жртва, разговара со неа за работите во „Јужна Србија“ и во текот на целото време ја фиксира со своите студени очи…тоа е “проверката“ или поточно “анкетата“. Ако несреќникот се исплаши и збуни пред злобните очи, тоа е “сигурен знак“, дека тој “не е чист“ и само неколку дена по заминувањето на мајор Диниќ, несреќникот е убиен од “непознати“.

Знајте едно нешто: големите водачи на „Бела Рака“ и жупаните се номиналните виновници за злосторствата и убиствата извршени во нашата татковина. Вистинскиот екзекутор, најужасниот, е мајор Диниќ, кој од највисокото место добил неограничен мандат да дејствува на своја глава. Мајор Диниќ, кој ја има нивната поткрепа и нивната врвна доверба…

Весникот Македонија кој излегувал во Софија во бр.425 од 12.03.1928 година, пренесува изјава на Настас Петровиќ, радикал-отпадник, поранешен министер за внатрешни работи, кога на попладневната седница на Собранието во Белград, на 05.03.1928 година, зел збор по излагањето на д-р Анте Корошец, министер за внатрешни работи, кој меѓу другото се обидел да ја заштити српската полиција во Македонија:

„Службеништвото е сочинето од кол и јаже. Меѓу нив има и такви, кои би требало да бидат во затворите, но се фаворизирани од владата, затоа што и собираат гласови. И помагаат на тиранијата, затоа што се плашат од затворот…“

По местата, каде што поминал Корошец, не го разбрал фактот, дека началникот на една жандармериска позиција ја суспендирала власта на претседателот и кметот и вршел злоупотреби за лична корист. Со ангарија му носеле дрва и ги продавал за лични трошоци. По селата му собирале убави невести и му ги праќале на работното место… Весник „Новости“-Загреб од 15.05.1928 год.

Софискиот весник „Македонија“ во бр.288 од 18.07.1927 година, пренесува едно македонско сведоштво:

Тука пристигна новиот околиски началник Милан Каличанин, десна рака на штипскиот жупан Добрица Матковиќ. “Се ни беше добро-само тој ни недостасуваше“… Каличанин е млад човек и разбојнички тип. Ученик е на д-р Паиќ, голем српски платен агент. Претходно бил секретар во тетовската окружна управа, од каде е преместен за ограбување на печалбарите за време на издавање на пасошите за странство.

Додека тој бил секретар печалбарите не можеле да извадат пасоши без адвокат. Каличанин заедно со Петар Милосављевиќ, адвокат, ги ограбил тие бедни печалбари. Затоа белградската влада го награди со името околиски началник и го испрати да го “усреќи“ Прилеп. Бидејќи таму околиските началници се слуги на народните претставници од собранието, тоа стана причина, Каличанин, покрај рушветот, се научи да тепа, благодарение на “народниот херој“, војводата Василије Трбиќ.

Својот испит за разбојник Каличанин го положи во својата канцеларија, кога во присуство на полициски извршител и случајни граѓани го тепаше до смрт еден сведок, кого го испитуваше, инаку невин и исправен граѓанин во се. Тој случај го вознемири граѓанството. Тоа масовно протестираше и белградската влада немаше што да стори-го отпушти.

Повеќе од половина година Каличанин живее низ белградските кабариња-распуштен живот, раскошно, без да работи ништо, од “заштеденото“ што го прибрал во “богата“ Македонија.

(продолжува)

Comentários


bottom of page