Во 2024 година во Бугарија ќе почне изградбата на станица за радиоастрономски набљудувања на ниски фреквенции, дел од голем Паневропски телескоп, изјави денеска во Варна, доц.д-р Антоинета Антонова, претседател на Унијата на астрономи во Бугарија (САБ) и член на Управниот одбор на Европската астрономска унија.
Според неа, радиотелескопот ќе може да работи на многу задачи, а најважно е што ќе добие информации што не можат да се добијат со оптички инструменти. Станицата ќе може да работи и независно и како дел од Големиот европски радио телескоп, што се протега од Велика Британија, Холандија, Летонија, Шведска, Германија, Италија, Полска, а Бугарија е нејзината најјугоисточна точка.
-Станицата ќе работи на космолошки и екстрагалактички задачи, ќе се врши карактеризација на атмосферите и магнетните полиња на планетите, објасни Антонова.
Таа прецизираше дека новиот објект ќе биде под планината Рожен. Изградбата на станицата и поставувањето на телескопот и антените ќе ја вршат специјалисти од Холандија.
-Во блиска иднина ќе почне со работа новиот оптички телескоп на опсерваторијата во Рожен, додаде Антонова.
Според неа, тој веќе е инсталиран и се тестира. Телескопот ќе овозможи секакви астрономски истражувања, од оние во Сончевиот систем до ѕвезди и далечни галаксии.
Антонова рече и дека оваа година Бугарија стана коспонзор на документ за преземање мерки за заштита на ноќното небо од штетното загадување предизвикано од минисателитски соѕвездија кои ги попречуваат набљудувањата на астрономите ширум светот. Документот е доставен до Комисијата за мировно користење на вселената.
-Бугарија стана коспонзор на документот на предлог на Сојузот на астрономи и Националниот комитет за астрономија, прецизира Антонова.
Таа објасни дека е потребно внимателно да се регулира лансирањето на ваквите сателитски соѕвездија, како се конструирани и како емитираат во опсегот на радио, за да не се загрозат истражувањата на астрономите.
-Ова е глобален проблем, не само европски, посочи Антонова и додаде дека нема точни податоци колку вакви конгломерати на минисателити има на небото. Оние за кои е дадено барање дека ќе бидат пуштени се јасни – европски или американски компании, но не се знае колку се руски или кинески, на пример, рече претседателката на САБ.
Антонова коментира и дека во последните години во Бугарија е скратено изучувањето на физиката во училиштата, иако астрономијата е атрактивна наука и го привлекува вниманието на луѓето.
-Сепак, благодарение на Националните опсерватории во земјава, меѓу кои опсерваторијата Варна е најдобро ангажирана, имаме доволно деца кои имаат знаење и интерес за оваа наука, посочи Антонова.
コメント